• Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт

Picture

ГЛОБИ ВО МЕДИУМИТЕ

Една од главните форми на притисок во медиумите претставува законската прекумерна регулација придружена со големиот број високи глоби. Со неа се казнуваат критичките медиуми заради прекршување на законската регулатива, која до детал ја пропишува програмата на секој медиум во државата. Администрацијата поставува свои партиски кадри во регулативните тела, каде може да се казнуваат „политички неподобните“ медиуми и уредници. Од друга страна, самите новинари се соочуваат со цензура од уредниците или прават автоцензура за да не наидат на критика од власта, но и да се соочат со тужба за клевета. Клеветата беше декриминализирана кон крајот на 2012 година со воведување на новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета.(1) Според извештајот на ЕК, оттогаш се покренати 580 граѓански тужби за клевета  во судовите во кои се тужат новинари, но и политичари. Извештајот ја наведува загриженоста дека постапките за клевета служат како средство за притисок.(2) Како за илустрација, во 2014 година тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков ги тужеше новинарот и уредничката на неделникот „Фокус“, Владо Апостолов и Јадранка Костова за нарушена чест и углед и го доби случајот со отштета од околу 9.000 евра(3). 

Во Законот за медиуми кој се состои од 35 членови, (4) предвидени се 15 глоби чии износи се движат од 500 до 5000 евра. Највисоките глоби се препишани во член 30, став 1 и подеднакво ги казнуваат необјавувањето на податоци за сопственичката структура, како и необезбедувањето заштита на малолетници од порнографска содржина.(5)
​
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  ја пропишува содржината на медиумите до ситни детали со кои ја ограничува уредничката автономија, а кои би требало да се дел од второстепени законски документи (статути, правилници). Истиот закон содржи дури 156 членови кои пропишуваат 73 глоби чии суми се движат од 1.000 до 100.000 евра. Најголемата глоба, воопшто, изнесува 100.000 евра за непочитување на членот 145.(6) Имено, медиумите се обврзани годишно да произведуваат и емитуваат најмалку 10 часа (додека радиодифузниот сервис најмалку 30 часа) домашна документарна програма во периодот од 7,00 до 19,00 часот,(7) како и годишно да произведуваат и емитуваат најмалку 20 часа (а јавниот радиодифузен сервис најмалку 30 часа) домашна играна програма од 7,00 до 19,00 часот.(8)
Закон за радиодифузна дејност и Закон за аудио и аудиовизуелни услуги
Create column charts
Графикон 4 
Глобите во Законот за радиодифузна дејност (1995-2013) и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (2013-2014)
Како што може да се воочи од Графикон 4, споредено со изминатите години, казнените одредби во медиумите имале различен тренд. Така, претходникот на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за радиодифузна дејност во периодот од 1995 до 2004 година предвидувал само 23 парични казни. Потоа, од 2005 до 2012 година опфаќал 80 глоби. Со промената во Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денеска се предвидени 73 глоби, за чии износи е опишано погоре во студијата. 

КОНТРОЛА ВРЗ МЕДИУМИТЕ

Во изминатите години, слободата на изразување во медиумите во Македонија се соочува со постојан пад. Тоа се прикажува низ бројните притисоци врз уредувачката политика кои се одвиваат по пат на постојаната закана од казнени мерки во облик на глоби против медиумите и кривичните пријави кон новинарите, што резултира со самоцензурата на новинарите, како и затворање на одреден број медиуми. 

Од друга страна, слободата на медиумите постојано се потенцира како главен предуслов во евроинтеграцискиот пат на државата. Во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата за 2014 постои сериозна загриженост за контролата на Владата брз јавните институции и медиумите. Особено се нагласува индиректната државна контрола врз медиумската продукција преку владините реклами и фаворизираните медиуми од Владата. Заклучокот е дека состојбата со слободата на изразување и понатаму е проблематична и потребни се поголеми напори за подобрување на културата на медиумите.(9) Еден од позитивните примери кој е поздравен и во извештајот на Европската комисија е основање на саморегулаторно тело, Совет за етика во медиумите на Македонија.(10) Неговата цел е да ги заштити етичките стандарди во медиумите, а воедно и да ја штити новинарската професија преку зајакнување на саморегулацијата во медиумите.(11) Со други зборови, граѓаните кои се засегнати од неодговорно медиумско известување наместо веднаш да поднесат тужба за навреда и клевета против новинарите, можат да достават претставка до Советот. Советот, иако е формиран во 2013, активно започна со работа пред половина година и веќе до август 2015 година има постапено во повеќе од 40 претставки, кои најмногу се однесувале на говор на омраза.(12)  

Во извештајот на Европската комисија за 2015 година се вели дека Македонија има „некое ниво на подготвеност“ во однос на слободата на изразот. (13) Понатаму извештајот продолжува: „слободата на изразот и медиумите останува сериозен предизвик во постојната медиумска култура и политичка клима. Земјата продолжи да назадува во текот на минатата година.“(14) Се посочува и на заплашувањето на новинарите, како и на незаконското прислушкување и надзор.(15)„Политичкото мешање во уредничката слобода“ е исто така сериозен проблем според извештајот од 2015, а ова се однесува и на „директна контрола врз содржината и тајмингот на вестите.“(16)
​
Во светските рангирања на Репортери без граници и Freedom House, Македонија од 2011 година бележи сериозни падови и ниски рејтинзи во поглед на слободата на медиумите. Така, според последниот Индекс на слободата на печатот за светот за 2015 година, Македонија е рангирана на 117 место од 180 земји (најлошиот рејтинг е добиен во 2014 година и бил 123 место. (17) Невладината организација Freedom House за 2015 година ја оценува Македонија како најлоша во регионот во поглед на слободата на медиуми со пад од 10 поени во последните 5 години и го зазема 125 место со 58 поени (на скала од 0 до 100 каде понискиот скор значи поголема слобода).(18)

Медиумите во македонското законодавство 

Анализата на слободата на изразување во медиумите ги користи податоците добиени од: Законот за медиуми,(19) Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски дејности,(20) а воедно прави и споредба со веќе неважечкиот Закон за радиодифузна дејност.(21) Дополнително, користени се податоците од истражувањето на ИОХН-С - „Глобите во македонското законодавство.“(22) Таму се прави споредба на казнените мерки во одредени закони во последните 19 години, а конкретно во случајот на медиумите, анализирани се Законот за радиодифузна дејност и неговиот наследник- Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Имено, опфатени се сите казни кои ги препишувале овие два закона во периодот 1995-2014 година за да може да се илустрира влијанието на регулативите врз слободата на изразување. 

Законот за медиуми, за првпат стапи на сила кон крајот на 2013 година заедно со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој го замени дотогашниот Закон за радиодифузна дејност. Самото носење на законите беше проследено со преговори меѓу Владата и еснафските здруженија на новинарите, бојкотирање на јавните расправии и јавни конфронтации. Предлог верзијата на законот беше критикувана и од специјалните претставници на ОБСЕ за слободата на медиумите.(23) На крајот од 2013 година беше објавено дека е постигнат договор меѓу претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и тогашниот министер за информатичко општество, Иво Ивановски, но тоа дополнително создаде раздор меѓу новинарите.(24) Двата закона беа изгласани на крајот на декември 2013 година додека измените беа донесени на почетокот од 2014 година. Измените во Законот за медиуми(25) ги изземаа електронските медиуми и публикации кои претходно се најдоа на сериозна критика поради нивната преголема регулација. Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги(26) вклучија и нов став кој вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права.  

Промената на постоечкиот Закон за радиодифузна дејност во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го преименува главното регулаторно тело од Совет за радиодифузија во Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Согласно новите регулативи, програмската структура на секој аудиовизуелен медиум се пропишува преку законот, а попрецизно ја опишува Агенцијата. Таа ги изрекува и паричните казни (или глоби) за медиумите. Иако се декларира како самостојно и независно регулаторно тело, Агенцијата е основана и финансирана од државата. 

Влијание врз медиумите преку рекламирањето

Другиот голем проблем во медиумите се рекламите. Имено, Владата е еден од најголемите огласувачи во сите приватни национални станици. Како за илустрација, „Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013 година од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дава податок дека Владата имала нарачно 17,639  спотови со должина од 1,361,541 секунди.(27) Со тоа била втор по ред најголем огласувач во анализираните шест телевизиски станици, веднаш после Проктер и Гембл, а пред компании како Кока-кола. Вкупниот приход на дадените телевизии бил 20,51 милион евра. Агенцијата во истата редовна годишна анализа на пазарот на радиодифузната дејност ги нема прикажано најголемите огласувачи за 2014 година. Образложението во самата анализа е дека моментално се обезбедуваат податоци кои ќе ја прикажеле реалната слика за рекламирањето во телевизиите, со замерки за веродостојноста на податоците од претходната година(28). Како што е отворено прашањето на минатогодишното истражување на ИОХН-С(29), фактот дека Владата е меѓу најголемите огласувачи во медиумите го отвора прашањето дали овој тренд се спротивставува на слободниот пазар. Самиот факт дека Владата ги рекламира своите активности или креира секакви кампањи во формат на реклами е проблематичен. 

Рекламирањето во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е уредено според ЕУ директивата која ги пропишува принципите и условите за рекламирање во медиумите на производи и услуги. Суштинското надополнување во нашиот закон кое го подрива духот на Директивата, е фактот што ја има додадено и „популаризацијата на некоја идеја или активност или за постигнување друг ефект“ како проширување на дефиницијата на „реклама.“(30) Комерцијалното продавање идеи на медиумите во вид на кампањи за подигање на свеста, кампањи со апстрактни концепти како убавината на земјата или јакнење на хуманитарните вредности од страна на Владата не е ориентирано кон пазарната економска практика. Исто, се граничи со пропаганда бидејќи не постои друг огласувач кој може комерцијално да „продава идеи“, а огласувачот поаѓа од сопствените идеолошки вредности.(31)

На почетокот од јули 2015 година, Владата донесе одлука да постави мораториум на сите комерцијални промоции во медиумите, при тоа истакнувајќи дека одлуката е само гест на нивна добра волја.(32) Овој „гест“ се случи на самиот почеток на преговорите за надминување на политичката криза, па тоа може да се поврзе со остатокот на отстапките на Владата чиј авторитаризам беше предизвикан од бројните граѓански движења, партиската опозиција и, на крајот, и од меѓународната заедница. Последните случувања во Македонија кои се поврзани со имплементацијата на договорот од Пржино (Јунско-јулскиот договор за надминување на политичката криза од 2015), наложуваат дека следна ќе биде регулацијата на медиумите односно преку законски измени треба да го регулира рекламирањето, но и да овозможи објективно информирање на јавноста.(33) Листата на ургентни реформски приоритети за надминување на кризата, подготвена од Европската комисија во V поглавје: Слобода на изразување, дава препораки кои се однесуваат на потребните итни реформи во медиумите. Имено, првата препорака се однесува на реформирање на јавниот сервис (критики за неговата политичка зависност, недостаток на балансирано известување). Втората препорака за медиумите се однесува на владиното рекламирање и барање тоа да се одвива врз основа на транспарентни, објективни и недискриминатоски критериуми. Третата препорака бара полесен пристап на новинарите до информации од јавен карактер. Последната препорака се однесува на намалување на бројот на случаи на клевета во судовите, како и поддршка и промовирање на поголемо користење на саморегулацијата како алтернатива на судските постапки.(34) 

Во извештајот на Европската комисија за 2015 година се посочува на проблемот со владиното рекламирање изминатата година:(35)
​
Владиното рекламирање претставува најголем извор за финансирање и има големо влијание врз медиумскиот пазар и на национално и на локално ниво. Нема систематско или детално известување околу владиното рекламирање. Дополнително, содржината на прислушкуваните комуникации открија блиски врски меѓу Владата и сопствениците на медиумите со најголема гледаност и циркулација, кои исто така примиле најмногу средства алоцирано со владините рекламни кампањи.

Ова е многу сериозна забелешка за фактичката ситуација во медиумскиот простор во Република Македонија. Бројните внатрешни и надворешни притисоци, сепак, вродија со плод. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги врз основа на член 82 став 1 од Законот за изменување и дополнување на  Изборниот законик(36) донесе одлука за „забрана за емитување платено политичко рекламирање на програмите на радиодифузерите, во печатените медиуми и во електронските медиуми (интернет портали)“ од 20 декември 2015.(37) 

РЕЗИМЕА НА СТУДИИ НА СЛУЧАЈ

Случајот со новинарот Томислав Кежаровски

Еден од домашно, но и меѓународно најкритикуваните случаи во поглед на слободата на медиумите во земјата е случајот на новинарот Томислав Кежаровски. Тој е спомнуван во сите извештаи каде се анализира состојбата со слободата на медиумите.(38)  Имено, во октомври 2013 година, Кежаровски беше осуден на 4,5 години во затвор поради наводно откривање на идентитет на заштитен сведок.(39) Случајот стана еден од главните политички проблеми поврзани со слободата на медиумите во земјата и беше остро критикуван од мисиите на ОБСЕ и ЕУ во Македонија. Имено, во извештајот на ОБСЕ за слободата на медиумите во 2013 година, случајот на Томислав Кежаровски е издвоен како единствениот пример на притворен новинар во Југоисточна Европа.(40) Случајот беше осуден од влијателните меѓународни и локални организации и иницираше граѓански протести. По поминати пет месеци во притвор каде несоодветно била третирана неговата здравствена состојба, Кежаровски беше испратен во домашен притвор.(41) На 15 јануари 2015 година, Апелацискиот суд ја намали казната на Кежаровски од 4,5 на 2 години затвор. Оваа одлука беше експресно спроведена и за помалку од 24 часа тој беше однесен до истражниот затвор да ги издржи преостанатите три месеци казна.(42) Последниот настан иницираше масовен протест на илјадници луѓе кои маршираа од Апелацискиот суд до зградата на Владата барајќи слобода за Томислав Кежаровски. На неколку часа пред почетокот на протестот, тој доби условен отпуст од Кривичниот суд поради здравствени проблеми.(43) Конечно на 18 февруари 2015 година тој доби потврда од Апелацискиот суд за условниот отпуст и не ги помина преостанатите три месеци во затвор.(44) 

Случајот на телевизија Телма

Случајот на телевизија Телма, еден од најголемите критички медиуми во Македонија, е најдобрата илустрација за можностите што ги има на располагање власта преку законската прекумерна регулација да: (1) влијае врз уредувачката политика, (2) ги казнува „непослушните“ (критичките) медиуми и (3) преку само неколку ситни прекршоци да биде во можност да ги затвори. Во 2014 година, Телма е казнета дури три пати за различни престапи за неследење на програмските  формати  наложени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Најголемата казна Телма ја доби во мај 2014 за „неизбалансирано емитување на народна и забавна музика“ со глоба од 20.000 евра предвидена во член 146(45) во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за непочитување на обврските од членот 92.(46) Ваквите казни придонесуваат кон зголемена автоцензура кај новинарите, а тоа претставува една од најзагрижувачките појави во однос на слободата на изразување. Доколку во краток временски период „Телма“ беше казнета со уште една до две глоби со сличен износ, медиумот можеше да банкротира. Прекршочната постапка против Телма, сепак, беше запрена од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова, според образложението(47) се должи на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги(48) со кој беа изменети член 92 став 4 според кои беше донесена оваа пресуда. Со тоа и пресудата престана да важи. Со ова се зацврстува нашето тврдење дека хибридниот режим, сепак, не е потполн авторитаризам и дека притисокот на јавноста, како и на меѓународните институции има позитивен ефект врз подобрувањето на состојбите.
​
Последниот настан од август 2015 година поврзан со телевизија „Телма“ беше поднесено 21 обвинение против високи претставници во „Макпетрол,“ најголемиот дистрибутер на нафта во Македонија, а воедно и главниот спонзор на телевизијата. Обвиненијата се однесуваа на наводни нелегални активности во 2006 година и особено разбудија сомнежи за тоа дали овој случај е политички мотивиран и е некаков реваншизам кон критичката настроеност на медиумот. Со други зборови, се поставува прашањето дали е селективна имплементацијата на законите.(49)

Референци:

(1) Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, (Службен весник на Р.Македонија 143/12).
(2) The European Commission: “The Former Yugoslav Republic of Macedonia 2014 Progress Report, SWD (2014) 303 final” (Brussels: 8 October 2014), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2014/20141008-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-progress-report_en.pdf, пристапено на 9 септември 2015, стр. 46.
(3) Сашка Цветковска, „Како течеше судењето Мијалков против Фокус“, НоваТВ (17 јануари 2014), објавено на http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=18&vest=11049, пристапено на 9 септември 2015. 
(4) Закон за медиуми, (Службен весник на Р.Македонија 184/13 година).
(5) Закон за медиуми, (Службен весник на Р.Македонија 184/13 година), член 30, став 1.
(6) Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на Р.Македонија, 184/13), член 145, став 1.
(7) Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на Р.Македонија, 184/13), член 92, став 8. 
(8) Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на Р.Македонија, 184/13), член 92, став 9. 
(9) The European Commission: “The Former Yugoslav Republic of Macedonia 2014 Progress Report, SWD (2014) 303 final” (Brussels: 8 October 2014), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2014/20141008-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-progress-report_en.pdf, пристапено на 9 септември 2015. 
(10) The European Commission: “The Former Yugoslav Republic of Macedonia 2014 Progress Report, SWD (2014) 303 final” (Brussels: 8 October 2014), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2014/20141008-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-progress-report_en.pdf, пристапено на 9 септември 2015, страница 46. 
(11) Официјална веб страница на Совет за етика во медиумите на македонија, достапна на http://www.semm.mk/, пристапено на 9 септември 2015. 
(12) „Советот за етика во медиумите постапувал во над 40 претставки на граѓани“, 24 Вести (10 август 2015), достапно на http://24vesti.mk/sovetot-za-etika-vo-mediumite-postapuval-vo-nad-40-pretstavki-na-gragjani, пристапено на 9 септември 2015. 
(13) The European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia Report 2015” (Brussels: 11.10. 2015), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, пристапено на 22.12.2015.
(14) The European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia Report 2015” (Brussels: 11.10. 2015), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, пристапено на 22.12.2015, стр. 20.
(15) The European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia Report 2015” (Brussels: 11.10. 2015), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, пристапено на 22.12.2015, стр 21.
(16) The European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia Report 2015” (Brussels: 11.10. 2015), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, пристапено на 22.12.2015, стр. 22.
(17) “Details about Macedonia,” Reporters without Borders: World Press Freedom Index 2015, достапно на: http://index.rsf.org/#!/index-details/MKD , пристапено на 9 септември 2015.
(18) Freedom House: Press Freedom Rankings, https://freedomhouse.org/report/freedom-press-2015/2015-press-freedom-rankings, пристапено на 10 септември 2015.
(19) Закон за медиуми, (Службен весник на Р.Македонија 184/13 година).
(20) Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на Р.Македонија, 184/13). 
(21) Закон за радиодифузна дејност (Службен весник на Р.Македонија 100/05).
(22) „Глобите во македонското законодавство во периодот 1995-2014 година“ Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје (Скопје, април 2015 година), достапно на https://infogr.am/fines_in_macedonian_legislation_over_the_years_1995_2014, пристапено на 23 јули 2015.
(23) Dunja Mijatović, The Representative on Freedom of the Media Regular Report to the Permanent Council (OSCE, 28 November 2013), p. 31.
(24) Сашка Цветковска, „Што ќе промени новиот закон за медиуми“, (НОВА ТВ, 3 јануари 2014) достапно на http://novatv.mk/index.php?navig=8&vest=10680&cat=18, пристапено на 23 јули 2015.
(25) Закон за изменување и дополнување на законот за медиуми, (Службен весник на Р.Македонија 13/14).
(26) Закон за изменување и дополнување на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, (Службен бесник на Р.Македонија 13/14). 
(27) Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, „Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013   година“ (Скопје: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,јули 2014) достапна на http://avmu.mk/images/Analiza_na_pazarot_2013.pdf, пристапена на 4 септември 2015.
(28) Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, „Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2014 година“ (Скопје: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,јули 2015) достапна на http://www.avmu.mk/images/Analiza_na_pazarot_na_AVMU_za_2014_godina.pdf, пристапена на 4 септември 2015, страница 4 и 5.
(29) Kalina Lečevska, Artan Sadiku, Jordan Šišovski;  Legalizing Restrictions of the Freedom of the Press (Skopje: Institute of Social Sciences and Humanities - Skopje, October 2014), достапно на: http://www.isshs.edu.mk/documents/Legalizing-Restrictions-of-the-Freedom-of-the-Press.pdf, пристапено на 4 септември 2015.
(30) Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на Р.Македонија, 184/13), член 3, став 19.  
(31) Kalina Lečevska, Artan Sadiku, Jordan Šišovski;  Legalizing Restrictions of the Freedom of the Press (Skopje: Institute of Social Sciences and Humanities - Skopje, October 2014), достапно на: http://www.isshs.edu.mk/documents/Legalizing-Restrictions-of-the-Freedom-of-the-Press.pdf, пристапено на 4 септември 2015, страница 36.
(32) „Владата нема да се рекламира во медиумите“, Радио Слободна Европа (1 јули 2015), достапно на http://www.makdenes.org/content/article/27104568.html, пристапено на 4 септември 2015. 
(33) Мими Шушлеска „По специјалниот обвинител нова жешка тема, регулација на медиумите“, Плусинфо, (3 септември 2015), достапно на http://plusinfo.mk/vest/38683/po-specijalniot-obvinitel-nova-zeshka-tema-regulacija-na-mediumite, пристапено на 4 септември 2015. 
(34) European Commission, “Urgent Reform Priorities for the former Yugoslav Republic of Macedonia” (Brussel, June 2015), достапно на:  http://ec.europa.eu/enlargement/news_corner/news/news-files/20150619_urgent_reform_priorities.pdf, пристапено на 22 јули 2015.  
(35) The European Commission, “The Former Yugoslav Republic of Macedonia Report 2015” (Brussels: 11.10. 2015), достапно на: http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, пристапено на 22.12.2015, стр. 22
(36) „Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/15
(37) „Oд недела во сила забраната за емитување платено политичко рекламирање“ (Скопје, 18.12.2015, достапно на: http://www.avmu.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=2539%3A2015-12-18-10-40-15&catid=88%3Asoopstenija-media&Itemid=313&lang=mk, пристапено на 22.12.2015
(38) Freedom House, “Freedom of the Press 2015: Macedonia” достапно на: https://freedomhouse.org/report/freedom-press/2015/macedonia#.VfFf1xGqqko,  пристапено на 9 септември 2015.
(39) Љубиша Станковиќ: „Томислав Кежаровски осуден на 4,5 години затвор“, Утрински весник (21 октомври 2013), достапно на http://www.utrinski.mk/?ItemID=88E826C292E8B142A0B2CDDECAAB8FC7, пристапено на 10 септември 2015.
(40) Dunja Mijatović, The Representative on Freedom of the Media Regular Report to the Permanent Council (OSCE, 28 November 2013), p. 17.
(41) Синиша Станковиќ: „Новинарот Кежаровски пуштен во домашен притвор“, Глас на Америка (7 ноември 2013), достапно на http://mk.voanews.com/content/journalist-kezarovskis-detention-replaced-with-house-arrest/1785840.html, пристапено на 10 септември 2015.
(42) „Кежаровски пренесен во Шутка“, Фокус (16 јануари 2015), достапно на http://fokus.mk/kezharovski-prenesen-vo-shutka/, пристапено на 9 септември 2015.
(43) „Новинарите на протест: Слобода за Кежаровски! Слобода за новинарството!“, 24 Вести (20 јануари 2015), достапно на http://24vesti.mk/novinarite-na-protest-sloboda-za-kezharovski-sloboda-za-novinarstvoto, пристапено на 9 септември 2015.
(44) „Кежаровски останува на слобода“, 24 Вести (17 февруари 2015), достапно на http://24vesti.mk/kezharovski-ostanuva-na-sloboda, пристапено на 10 септември 2015.  
(45) „Глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги почитува обврските од членот 92 ставови (4), (5), (6) и (13) од овој закон“,  Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски дејности (Службен весник на РМ, 184/13) член 146, став 1.
(46) „Телевизиските радиодифузери од општ формат се обврзуваат во текот на неделата да емитуваат најмалку осум часа, a јавниот радиодифузен сервис најмалку 14 часа, вокално и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, од која 50% треба да биде забавна вокално и/или вокалноинструменталнамузика, а 50% народна вокално и/или вокално-инструментална музика“, Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски дејности (Службен весник на РМ, 184/13), член 92, став 4.
(47) „Заклучок за запирање на поведената прекршочна постапка/постапка за порамнување,“ (Скопје: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 09.07.2014, Бр. 03-3648/1), достапно на: http://www.avmu.mk/images/Zaklucok_za_zapiranje_povedena_prekrsocna_postapka_za_poramnuvanje_so_TV_Makpetrol_Skopje.pdf, пристапено на 29 декември 2015.
(48) Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, (Скопје: Службен весник на Република Македонија бр. 10/14)
(49) Марија Митевска: „Кривична за лица во Макпетрол заради притисок врз Телма?“, Радио Слободна Европа (18 август 2015), достапно на http://www.makdenes.org/content/article/27188896.html, пристапено на 11 септември 2015. 


Picture
Picture

Institute of social sciences and humanities - Skopje

  • Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт