• Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт

Picture

ГЛОБИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

​Во Законот за основно образование постои посебен дел „XV Прекршочни одредби“ член 172 кој е посветен на одредување на „глобите.“ Тие се поделени во два дела, првиот е глоби од 2500-3000 евра во денарска противредност за училиштата со список на престапи по кои се глоби, а вториот е глоба од 1500-2000 евра во денарска противредност за директорот на училиштето.(1) Понатаму, во Член 8 во Законот за изменување и дополнување на законот за основно образоване, се врши дополна на член 174 за глоба од 1000, 600 и 300 евра во денарска противвредност за правното лице ако не се води е-дневник.(2)
Закон за основно образование
Create column charts
Графикон 1
Бројот на глоби во Законот за основно образование (1995-2014)
​Како што може да се види во Графикон 1, глобите во Законот за основно образование имале нагорен тренд. Така, во периодот 1995-2003 година биле предвидени само 23 парични казни. Во периодот од 2004-2007 година нивниот број се покачил на 24, додека во 2008-2009 била пропишана 41 глоба во законот. Наредниот период 2010-2013 година се искачил на дури 81 глоба додека веќе во 2014 година, со најновите измени и дополнувања нивниот број изнесува 87.

                                                                                                                             ***
​
Во „Законот за средно образование“(3) во одделот XIII, „Казнени одредби,“ членовите 109 и 110 се однесуваат на тековни казнени одредби за прекршување на правила како на пример ако „користи печат со несоодветна содржина за заверка на јавните исправи.“ Во Законот за изменување и дополнување на овој закон се менуваат овие одредби и се додаваат високи глоби за минорни пропусти: 

Глоба  во  износ  од  1.000  евра  во  денарска  противвредност  во  мандатна постапка државниот просветен инспектор ќе му изрече за прекршок на правното лице ако не се води е-дневник врз неделна основа во средното училиште... Глоба во износ од 600 евра во денарска противвредност во мандатна постапка државниот просветен инспектор ќе му изрече  за прекршок на одговорното лице во  правното  лице  ако  не  се  води  е-дневник  врз  неделна  основа  во  средното училиште […] Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност во мандатна постапка државниот просветен инспектор ќе му изрече за прекршок на наставникот ако не води е-дневник на неделна основа во средното училиште […](4)

Со ова се продолжува тенденцијата која ја има и во неколку други закони за одредување фиксни ценовници за глоби во закони. Да потсетиме, ова вообичаено се регулира во подзаконски акти и правилници, а не со закон.
Закон за средно образование
Create column charts
Графикон 2
Бројот на глоби во Законот за средно образование (1995-2014)
Како што може да се воочи од Графикон 2, бројот на глоби во Законот за високо образование имал нагорна тенденција во текот на годините. Во периодот до 2009 година, паричните казни не надминале број од 20 во закон. Во наредната година нивниот број повеќе од половина се зголемил. Кулминацијата на бројот на глоби во средното образование е достигната со измените на законот во 2014 и сега изнесуваат 63.

                                                                                                                                                 ***
​​
Со Законот за високо образование донесен во 2008 година во одделот „Прекршочни одредби“ се регулираат глобите.(5) Во член 167 се предвидени глоби од 1000 до 2500 евра во денарска противредност за правното лице, а 500 до 1000 евра за одговорното лице за повеќе прекршоци кои, инаку, се решаваат во подзаконски акти.

Законот за високото образование од 2008 година е, исто така, постојано дополнуван со нови измени и дополнувања кои главно вршат прекумерна регулација со акти што би требало да бидат дел од подзаконските акти. На пример, со измената од 25.01.2013, се прецизира дека:

Универзитетот   или   единица   во   негов   состав,   како   и   високообразовна школa/установа има обврска да склучи најмалку два договора за двојна диплома (double degree) или заедничка студиска програма (joint degree) со Универзитет од првите  500  високо  рангирани  универзитети  согласно  со  Шангајската  листа, односно   100  најдобро   рангирани   универзитети   по   МБА   програма,   како   и акредитирана  висоокообразовна  установа  на  еден  од  првите  200  најдобро рангирани   универзитети   од   соодветното   научно   подрачје,   согласно    со Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report и Times Higher Education Supplement-World University Ranking.“ (6)
​
Понатаму, во членот 40 се дополнуваат глоби во износ од 5000 до 7000 евра во денарска противвредност до одговорното лице во високообразовната установа ако „не  ги  достави  или нецелосно ги достави податоците потребни за ажурирање на базата на податоци за  високообразовна дејност до  Министерството  надлежно  за  работите  од  областа на  високото  образование.“ Истата глоба се предвидува и како дополнување на членовите 77б, 45, 45 став 10, 133 став 13, 99 став 3, 100 ставови 3 и 6, 140 став 4 и 123 став 4. Ова, повторно укажува на тоа дека Министерството најверојатно се соочило со проблеми во спроведување на Законот. Како и во останатите случаи, решенијата се сведуваат на воведување глоби и прекумерна регулација.

Со   измените  од  27.02.2014 на Законот за високо образование се дополнуваат глоби, и тоа од 1000 до 1500 евра во денарска противвредност ако „на почетокот на секоја  студиска година на студентите не им предложи основна литература за полагање на испити  и која не ја содржи и литературата која ја обезбедува, печати и доставува до  високообразовните установи министерството надлежно за работите на високото образование.“ А, глоба во висина од 3000-5000 евра во денарска противвредност е предвидена за одговорното лице ако „не ја објави основната литература на веб  страницата и ако истата не ја содржи и литературата која ја обезбедува, печати  и  доставува  до високообразовните установи министерството надлежно за работите на  високото  образование.“ Со други зборови, се предвидуваат огромни казни за минимални административни превиди. Од друга страна, пак, затоа што при проектот на Владата на Република Македонија за превод на голем број на учебници од врвните универзитети, дел од преводите беа во јавноста оценети како лоши, резултирајќи со нивно неприменување во наставата. Ова прашање Владата повторно се обидува да го реши со дополнителна регулација и високи глоби. Дополнителни глоби од 5000 до 7000 евра во денарска противвредност се предвидени ако на високообразовната институција не биде „вклучен во изведување на настава истакнат стручњак од практиката од соодветната област“ и ако „не биде организирана практична настава за студентите во секоја студиска година која не може да биде пократка од 30 дена.“ 
​
Со законите и дополнувањата на законите за образование од последните 5 години, освен прекумерна регулација се врши и фаворизирање на одредени, во многу случаи и приватни компании кои се споменуваат во самите закони како критериум на избор. На пример, за избор на директор во основните и средните училишта се бара поседување на одредени дипломи: се бара познавање на англискиот јазик преку дефинирани тестови „ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT) - најмалку 30 бода, ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 3 бода, БУЛАТС (BULATS) - најмалку 20 бода или КЕТ (КЕТ) (Cambridge) English) - положен, АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво А2 (А2) и да има положено психолошки тест и тест за интегритет“. Оваа ставка е идентична во дополнувањето на Законот за основно образование(7) и Законот за средно образование.(8)
Закон за високо образование
Create column charts
Графикон 3
Бројот на глоби во Законот за високо образование (1995-2014)
Како што може да се воочи од Графикон 3, Законот за високо образование не предвидувал ниту една парична казна до 2007 година. Првите глоби се наведени во измените од 2008 година, каде нивниот број изнесувал 13. Бројот на  казни оттогаш  продолжува да расте и во најновата верзија на законот од 2014 нивниот број изнесува 59. 

ВОСТАНОВУВАЊЕ КОНТРОЛА ПРЕКУ ОБРАЗОВНИТЕ ПРОГРАМИ

Во текот на 2014 година во јавноста беше критикуван контроверзниот учебник за VIII одделение по Граѓанско образование заради проблематичните дефиниции на клучните граѓански поими. Проблематичноста се состоеше во тоа што дел од дефинициите сугерираа наметнување на авторитарни вредности и поттикнување на покорноста и потчинувањето на авторитетите кај младите. Ова, е во спротивност со демократските и граѓанските идеали.
​
Една од попроблематичните е дефиницијата на власта која се дефинира како „форма на моќ која е прифатена од оние што се покоруваат, бидејќи ја сметаат за оправдана и праведна.“(9) Покорувањето секако не е демократска туку тоталитарна вредност. Имено, според Уставот на Република Македонија „[с]уверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“ и „произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.“(10) Со други зборови, Уставот не познава категорија суверен (власта) кому граѓаните треба да му бидат „покорни“ туку самите граѓани се носители на суверенитетот и тие „власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.“(11) Граѓаните се оние кои ја остваруваат својата власт преку демократските механизми, а не се покоруваат на власта. 
​
Понатаму, во истиот учебник на пофалбата на покорноста се додава и лојалноста: „Лојалните граѓани ги почитуваат оните што се на власт во општеството. Тие секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите права и слободи. За нив е подобро да се живее во безбедна и заштитена средина во која се одржува редот, отколку во општество во кое луѓето имаат чувство дека секој прави што сака.“(12) Проблематичноста на оваа дефиниција произлегува од тоа што не се бара покорност само кон органите на власта туку кон правилата на самото општество, со други зборови се бара безусловна покорност („мораат“) на традицијата и власта во името на безбедноста, што е во спротивност со хуманистичките и демократски идеали.(13)

Нарушување на секуларноста на образовните институции

Секуларноста е една од клучните вредности на Република Македонија. Според член 19 од Уставот „Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.“(14) Тоа значи дека државата и државните институции не смеат да претпочитаат ниту една верска заедница. Сепак, од 2012 година свечениот почеток на академската година на универзитетот Св. Кирил и Методиј наместо во некој од амфитеатрите, беше одбележан во православен храм Ректорот ова го образложи како вообичаен настан - „Како што во минатото сум посетувал други факултети на почетокот на академската година, оваа година одам на Богословскиот.“(15) Сепак и наредната академска година се повтори истата ситуација и академската година започна со богослужба во црквата Свети Јован Крстител во Капиштец, Скопје.(16) Богословскиот факултет е рамноправен член на УКИМ од 2008 година, но, првиот академски час не беше одржан во некој од амфитеатрите на факултетот, туку во црквата со богослужба. Со ова се врши извесно загрозување на начелото на немешање на државата и верските заедници и се преферира една верска организација, што е во спротивност со Уставот и означува директно мешање во слободата на изразувањето на верските чувства или на нивниот недостаток.

„Екстерното тестирање“ како притисок врз образованието

Во 2008 година со Законот за основно образование беше воведен концептот на оценување на наставниците, или популарно нареченото „екстерно тестирање.“ (17) Во овој оддел има поставено критериуми за санкционирање на наставниците. Сметаме дека членот 97 е  контроверзен бидејќи овозможува основа за притисок и контрола врз наставничкиот кадар. Имено, целта на екстерното тестирање е преку проверка на успехот на учениците да се оцени „објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот“.  Контроверзниот дел од законот е и делот според кој врз основа на ранг листата, „на 20% од наставниците кои имаат најголеми отстапувања во добиените показатели им се намалува платата за наредната година 10% од платата што ја примале“, а ако ова се повтори три години по ред, на наставникот „му престанува работниот однос.“(18) Со други зборови, без разлика на покажаните резултати, законот определува дека 20% од наставниците ќе бидат казнети со намалување на платата и голем дел од нив со отпуштање. Оваа одредба врши непотребен притисок врз наставниците што резултира со самоцензура во поглед на изразувањето на работнички протест и несогласување поради стравот за сопствената најосновна егзистенција.

Индикативно е што во Законот за дополнување и изменување на законот за средно образование од 2014 година, се додаваат нови глоби во врска со „екстерното тестирање“: „Глоба во износ од 600 евра во денарска противвредност во мандатна постапка државниот просветен инспектор ќе му изрече за прекршок на одговорното лице во правното лице ако не постапи согласно член 70-а ставoвите (14) и (15) од овој закон.“(19) Во наредното дополнување на Законот се додаваат нови глоби. Во овој случај станува збор за глоби во врска со екстерното тестирање. Од тоа може да се заклучи дека новонастанатите проблеми од спроведувањето на законот се решаваат со дополнување на регулациите и зголемување на глобите.
Понатаму:​
  • (1) Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок  на  одговорното  лице  во  правното  лице  ако  дозволи  тестаторот  и помошникот на тестаторот да се од редот на наставниците по предметот по кој се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (член 45- а став (11).
  • (2) Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставниците ако постапуваат спротивно на член 45-а став (8).
  • (3) Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за на тестаторот и  помошникот на тестаторот  ако  дава  било  какви  информации  во врска со одговорите на прашањата (член 45-а став (10).“
  • (4) Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок  на  тестаторот  и  помошникот  на  тестаторот  ако  се  од  редот  на наставниците  по предметот  по  кој  се  врши  екстерното  проверување  (член  45-а став (11).“(20)

Ваквиот начин на воведување нова образовна политика која се потпира на казнување, како ефект може да произведе зголемување на притисокот и стравот кај наставниците, што може негативно да се одрази врз квалитетот на образовниот процес. 

Референци:

(1) Закон за основното образование, (Службен весник на Р. Македонија бр.103/08 од 19.08.2008 година, 41-42
(2) Закон за изменување и дополнување на законот за основното образование, (Службен Весник на Р. Македонија, бр.41 од 27.02.2014 година)
(3) Закон за средното образование, (Службен весник на Република Македонија бр.44/95 од 20.09.1995 година)
(4) Закон за изменување и дополнување на законот  за средното образование, (Службен Весник на Р. Македонија, бр.41 од 27.02.2014 година).
(5) Закон за високото образование, (Службен весник на Р.Македонија бр.35 од 14.03.2008 година
(6) Закон за изменување и дополнување на законот за високото образование, (Службен весник на Р. Македонија бр. 15 од 25.01.2013)
(7) Закон за изменување и дополнување на законот за основното образование, (Службен весник на Република Македонија, бр.41 од 27.02.2014 година), 3
(8) Закон за изменување и дополнување на законот за основното образование, (Службен весник на Република Македонија, бр.41 од 27.02.2014 година), 3
(9) Цитирано во: Мери Јордановска, „Основците учат како да се откажат од слободата“, Фокус , 5 ноември, достапно на:  http://fokus.mk/osnovtsite-uchat-kako-da-se-otkazhat-od-slobodata/, пристапено на   септември 2015.
(10) Устав на Република Македонија, (Службен весник на РМ 52/91), достапно на: http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx , пристапено на 11 септември 2015
(11) Устав на Република Македонија, (Службен весник на РМ 52/91), достапно на: http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx , пристапено на 11 септември 2015
(12) Цитирано во: Мери Јордановска, „Основците учат како да се откажат од слободата“, Фокус , 5 ноември, достапно на:  http://fokus.mk/osnovtsite-uchat-kako-da-se-otkazhat-od-slobodata/, пристапено на 11 септември 2015.
(13) Овде треба да се спомене познатата изјава на Бенџамин Френклин: „Оние што се откажуваат од слободата во името на безбедноста, нема да ги имаат, ниту пак ги заслужуваат обете“.
(14) Устав на Република Македонија, (Службен весник на РМ 52/91), достапно на: http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx , пристапено на 11 септември 2015
(15) „Уким ја почнува академската година во црква, ректорот вели – нема ништо спорно“, (Скопје: Радио МОФ, 12 септември 2012), достапно на: http://www.radiomof.mk/radiomof_backend/ukim-ja-pochnuva-akademskata-godina-vo-tsrkva-rektorot-veli-nema-nishto-sporno/, пристапено на 11 септември 2015. 
(16) „Наместо во амфитеатар првиот академски час во црква“, (Скопје: 24Вести 15 септемри 2013), достапно на: http://24vesti.mk/namesto-vo-amfiteatar-prviot-akademski-chas-vo-crkva, пристапено на 11 септември 2015. 
(17) Закон за основното образование, (Службен весник на Република Македонија бр.103/08 од 19.08.2008 година)
(18) Закон за основното образование, (Службен весник на Република Македонија бр.103/08 од 19.08.2008 година)
(19) Закон за изменување и дополнување на законот за средното образование, (Службен весник на Република Македонија, бр.116 од 04.08.2014 година)
(20) Закон за изменување и дополнување на законот  за средното образование, (Службен весник на Република. Македонија, бр.135 од 10.09.2014 година)

Picture
Picture

Institute of social sciences and humanities - Skopje

  • Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт