• Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт

Picture
Во делот за штрајк и синдикалното организирање беше анализиран Законот за работни односи,(1) заедно со неговите пречистени текстови. 
​
Во поглед на паричните казни, Законот за работни односи до 1997 година предвидувал казни во одреден процент од платите. Измените и дополнувањата на законот во 1997 година донеле промена на начинот на казнување односно паричната казна се менува од одреден процент од платите во конкретни суми изразени во денари,(2) а највисокиот износ бил 250.000 денари. Во 2005 година, новиот Закон за работни односи има 49 одредби за парични казни чиј најголем износ бил 200.000 денари.(3)  Во 2008 година, паричните казни се именуваат како глоби и нивните износи се сметат во евра и се повисоки од претходно пресметуваните износи во денари. Со измените и дополнувањата во 2013 и 2014 година, бројот на глобите во законот за работни односи моментално изнесува 47, а највисокиот износ достигнува 8.000 евра.(4) 
Закон за работни односи
Create column charts
Графикон 5
Глобите во Законот за работни односи (1995-2014)
Како што може да се види од графикон 5, бројот на глобите драстично пораснал во периодот по 2005 година. Бројот на парични казни во Законот за работни односи изнесувал само 23 во периодот од 1995 година до 2004 година. Во 2005 година бројот пораснал на 50 казни, додека во 2008 се намалил на 44 глоби, но нивниот износ е поголем. На пример паричната казна од член 265 која изнесувала  од 10.000 денари, во законот од 2008 станува глоба од 1000 евра.  Во 2013 година бројот на глоби во законот бил 45 додека во законот во 2014 година се избројани 47 глоби.

ШТРАЈК И СИНДИКАЛНО ОРГАНИЗИРАЊЕ

Синдикалното здружување и штрајкот како израз на колективно незадоволство на работниците се гарантирани со Уставот на Република Македонија во членовите 37 и 38.(5) Меѓутоа начинот на кој се регулираат правата и обврските во однос на синдикалното здружување и штрајкот се поместени во други закони. Во оваа студија фокусот е ставен на анализа на Законот за работни односи каде се наоѓаат главните одредби кои се однесуваат на синдикалното организирање и штрајкот. Постојат и други закони во кои се поместени специфични одредби поврзани со организирање штрајк во посебни дејности.  
​
Законот беше разгледуван за да се забележат можни ограничувања што  непосредно или посредно влијаат врз слободата на здружување и изразување. Во оваа анализа беше консултирана и публикацијата „Штрајк: искуства и состојби“ во издание на Движењето за социјална правда - Ленка како и транскриптот од излагањето на претставник на Мултиетничкиот синдикат на образование на РМ на трибината „Штрајкот и синдикалното здружување во подобрувањето на слободата на изразување и здружување“.(6) 

ОГРАНИЧУВАЊА ВО РЕГУЛАТИВИТЕ ЗА СИНДИКАЛНО ОРГАНИЗИРАЊЕ

​Законските одредби што се однесуваат на синдикалното здружување се застапени во Законот за работни односи, односно членот 6 во делот за забрана на дискриминација, што се однесува на заштита на членовите на Синдикатот од дискриминација на работното место, член 68 и 77 во делот за промена на работодавач и неоснованите причини за отказ кои исто така имаат заштитна функција за синдикалните членови.
 
Осумнаесеттото поглавје „Синдикати и здруженија на работодавачи“ (член 184 до член 202)(7) од законот е посветено на синдикатите и здруженијата на работодавачите и најголемиот број на членови што се однесуваат и го уредуваат синдикалното здружување се поместени тука. Во овој дел постојат неколку членови што имаат ограничувачки карактер. Членот 191 што се однесува на барање за упис во регистарот на синдикално здружение на повисоко ниво во вториот став содржи услови кои треба да ги исполнува: „Со барањето за упис мора да се приложи: одлуката за основање, записникот од основачкото собрание, статутот, називот на основачот и членовите на извршното тело, името и презимето на лицето или лицата овластени за застапување и податоците за бројот на членовите на синдикатот врз основа на платена членарина.“(8) 

Според авторите на гореспоменатата студија за штрајк, ограничувачки фактор во овој член е условот што се однесува на бројот на членовите во синдикатот врз основа на платена членарина. Имено, кога еден синдикат се основа за прв пат не може да се достави број на членови што платиле членарина на организацијата која е во формирање и сѐ уште не претставува правен субјект. Се покажало дека овој услов претставува една од законските пречки што влијаат на процесот на регистрација на нови синдикални организации и го отежнува нивното регистрирање. Мултиетничкиот синдикат на образование на РМ во извештај до Европската конфедерација на синдикатите, во кој предупредува на два проблеми со кои се соочуваат синдикатите и работниците во Македонија забележува: „Иако процесот на регистрирање на синдикати би требало да биде лесна и брза процедура, во последните години повеќе синдикати кои ја критикуваат Владата се соочуваат со сериозни проблеми во процесот на регистрација на нови синдикати или нивни ограноци. Мултиетничкиот синдикат за образование на РМ во 2013-2014 чекаше 10 месеци за да регистрира два нови локални ограноци.(9) 
​
Членот 202 што се однесува на забрана за дејствување на синдикатот заради вршење дејност спротивна на Уставот и законите претставува многу широко поставено ограничување. Сепак, токму поради широката формулација допушта произволно толкување што институциите на еден хибриден режим можат да го искористат за да го задушат правото на штрајк.  

Ограничување на правото на штрајк

Како осново ограничување на правото на штрајк гаранитрано со Уставот може да се смета дека произлегува од Законот за работни односи во членот 236 став 1 со кој се утврдува дека само „Синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, во согласност со закон.“(10)  Оваа одредба претставува ограничување во контекст каде синдикалното здружување не е популарна форма на остварување на работнички права. Имено, голем број на претпријатија немаат сопствени синдикати. Постои и недоверба кон синдикалното здружување затоа што поголемите синдикати се во системска спрега со институциите на државата, поточно извршната власт, а оваа состојба е хронична во изминативе 25 години.  

Дваесеттото поглавје од Законот за работни односи се однесува на штрајкот (член 236 - член 245). Одредбата од членот 236, став 3 со која се регулира отпочнувањето на штрајкот остава простор во практиката да биде искористен за одолговлекување: (3) „Штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот, кога таква постапка е предвидена со овој закон, односно пред спроведувањето на друга постапка за мирно решавање на спорот за која страните се договориле.“(11)

Ограничувачка одредба има и во членот 242 што се однесува на донесување Судска забрана за незаконски штрајк и надомест на штета. Оваа одредба беше искористена за да се спречи штрајкот на лекарите во 2012 година кога судот донесе одлука дека штрајкот на Клинички центар е незаконски заради попречување на извршување на работата. Имено, Министерството за здравство упати жалба за организирањето на штрајкот, а Основниот суд експресно одговори со забрана за одржување на штрајкот заради лоша организација и отсуство на план за организирање на работата на Клиничкиот центар за време на штрајкот.(12) Ова беше толкувано од лекарите, опозицијата и некои од критичките медиуми како директно ограничување на правото на штрајк. И покрај тоа, штрајкот се одржа и траеше 40 дена (од 14 Ноември - 26 Декември 2012), а потоа некои од барањата на Синдикатот беа договорени од двете страни.(13) Синдикалниот лидер, доктор Дејан Ставриќ беше уапсен и осуден на една година затвор во мај 2014, според обвинение за поткуп од пациент.(14) Неговото апсење и судење во јавноста, исто така, предизвика недоверба за вистинските мотиви за апсењето. 

Освен во Законот за работни односи, ограничувачки одредби во однос на правото на организирање штрајк се поместени во бројни други закони кои уредуваат различни дејности. Професор Здравко Савески, како претставник на Мултиетничкиот синдикат на образование на РМ вели: (транскрипт од излагање на дебатата огранизирана во рамки на овој проект): 

Во реалноста, нема област каде што не е ограничено правото на штрајк! Значи има регулатива, правото на штрајк е регулирано во неверојатни 27 закони!.... Е сега од тие 27 закони, 5 се однесуваат на работниците, а останатите закони регулираат право на штрајк на поголем или потесен опсег на работници. Сета оваа работа фактички почна со ова ширење на законската регулатива во разни закони во 1993 година со штрајкот во РЕК Битола. Тогаш претходно имаше Закон за штрајк како основен закон и после почнаа, го внесоа во Законот за енергетика и после во многу многу закони внесоа одредби за штрајк и секогаш внесувањето на одредби за штрајк е лошо по работниците скоро исклучува. Значи ако имате закон во кој имате одредба за штрајк, тоа е дополнително ограничување на правото на штрајк.(15)

Ваков пример за сериозно ограничување на правото на штрајк е воведувањето на нови регулативи поврзани со штрајкот во Законите за основно и средно образование. Имено по најавата на штрајкот на просветните работници за време на летото 2014 година, експресно во септември беа донесени законски измени на Законот за основно и средно образование со кои се предвидува замена на вработените за време на штрајкот. Беа донесени измени на член 38 по ставот (6), каде се додава нов став (7), кој гласи:

Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.(16)

На овој начин, користејќи го повторно аргументот за „непречено остварување на работата,“ се интервенираше во законот и се донесоа одредби кои de facto го оневозможуваат остварувањето на правото на штрајк. Преку ангажирање замени за наставниците што штрајкуваат, се обесмислува ефектот на штрајкот и ги става работниците во понеповолна положба во евентуалниот процес на преговарање за остварување на поставените барања. 

По  повеќе  месечно  одложување,   штрајкот  на   наставниците започна на 20 јануари и траеше до 3 февруари 2015 година. Барањата на Синдикатот се однесуваа на ревизија на казните за наставниците како резултат на екстерното тестирање, целосна имплементација на Колективниот договор (за вработените во градинките) и зголемување на платите на наставниците. Во текот на целиот штрајк, Синдикатот информираше за постојани притисоци врз наставниците кои штрајкуваа по пат на закани дека ќе им биде намалена платата. Исто така, постоеше притисок и врз родителите на учениците чии наставници штрајкуваа: по пат на јавни повици на функционери на локалната власт, вклучително и Градоначалникот на Скопје, се бараше редовно да ги носат децат во училиште, со закана дека ќе бидат подложени на парична казна (глоба) доколку постапат спротивно. Во поголемиот дел од медиумите не се нудеа јасни и потполни информации за обемот и текот на штрајкот. Провладините медиуми известуваа за „изолиран и мал број на наставници кои штрајкуваат.“(17) Критичките медиуми, пак известуваа за поголема масовност на штрајкот, но и за притисоците од Владата врз наставниците и родителите.(18) Незадоволни од информациите во медиумите, користејќи ги социјалните медиуми и crowdsourcing алатките, граѓаните креираа интерактивна мапа на училишта во РМ каде се одвива штрајкот.(19) 

По најавите за генерален протест на просветните работници како и на средношколскиот, студентскиот и професорскиот пленум, МОН ги повика на разговор претставниците на Синдикатот кој резултираше со прекин на штрајкот и постигнување договор за исполнување на дел од барањата - одложување на казните за наставниците.(20) Кај дел од јавноста, прекинот на штрајкот предизвика критика за претставниците на Синдикатот кои „преку ноќ“ одлучија, без остварување на договор за целосно исполнување на барањата.  
​
Прекумерното регулирање на штрајкот и усложнувањето на правните процедури води кон правна несигурност која за работниците значи дополнителна пречка да се одлучат за започнување штрајк. Професор Савески, како претставник на Мултиетничкиот синдикат на образование на РМ, во своето излагање на трибината вели (транскрипт):(21)
​
На пример, во образованието, ако организирате штрајк во основно образование мора да пазите одредби од 7 закони! Значи тие закони се: Законот за работни односи, Кривичниот законик, Законот за мирно решавање работни спорови, Законот за установи, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за основно образование. Треба да бидете правен експерт за да организирате штрајк. Сега зборуваме за работници! И сега работниците во принцип не се правни експерти ама вие од нив барате да бидат правни експерти за да може да го искористат правото на штрајк кое е гарантирано со Уставот. 

СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ:

Искуства од  штрајкот на просветните работници 2015

Студијата на случај се заснова на две интервјуа со наставници од средни училишта од Скопје. Разговорот со соговорниците ги опфати нивните искуства за време на генералниот штрајк на просветните работници во 2015 година. Целта на разговорот беше да се пренесат личните искуства за време на штрајкот кои може да дадат подетална слика за остварувањето на правото на штрајк, како и за сите закани и нарушувања за остварување на ова право, за кои имаше површни известувања во медиумите. Наставниците кои зборуваа за своите искуства работат во две различни средни училишта од кои во едното штрајкот официјално бил спроведуван, додека во другото штрајкувале ретки поединци. Двете искуства укажуваат на тоа како влијел штрајкот врз целосната атмосфера и меѓучовечки односи во колективите. Во останатиот текст на студијата се наоѓаат информациите за траењето и текот на штрајкот кои беа споделени во медиумите, кои може го дадат поширокиот контекст на организирањето на штрајкот и информациите и рекациите во јавноста.

Организација на штрајкот 

Штрајкот на просветните работници го организираше Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, преку регионалните одбори кои ги претставуваат синдикалните организации на училиштата. Според исказите на соговорникот каде штрајкот бил официјално спроведен и кој е член на синдикалната организација во училиштето, за штрајкот биле информирани уште летото 2014, после што нивната синдикална организација донела решение дека ќе го поддржи и ќе се приклучи на штрајкот. Сепак штрајкот официјално започнува зимата 2015, со почетокот на второто полугодие во училиштата. Начинот на кој биле информирани за штрајкот и подготовките, укажува на тоа дека протокот на информации од централата на СОНК до поединечните синдикални организации се одвивал бавно и нецелосно. Според соговорникот, сегашната структура и организација не функционира најдобро затоа што комуникацијата со централата на СОНК се одвива само преку регионалните одбори. 

Тоа не е најсреќно решение зошто практично синдикалните организации се расчленети и сега тука основни, средни...и сега тука не можеш да ги собереш сите средни на едно место, на пример. Не функционираат така туку функционираат по општини и имаш и од основно претставник и од средно и плус се градинките. Ама сега во оваа ситуација градинките не направија ништо, барем ние што знаеме, да поддржат или да се приклучат.(22)

Недостастокот на комуникација која е неопходна за протокот на информации за процесот на преговорите, поврзувањето и размената на искуства, како и на чувството на заедништво и солидарност во синдикалната организација исто така се покажува и за време на траење на штрајкот. Имено, според соговорничката која учествуваше во оваа наша студија на случај, регионалниот претставник еднаш го посетил училиштето за време на штрајкот, кога отсуствувале и регионални состаноци за да се информираат за процесот на преговори и сите случувања во училиштата за време на штрајкот. Како резултат на ваквата комуникациска слабост поединечните синдикални организации, а некаде поединечните синдикални претставници, се препуштени самостојно да се справуваат со притисоците кои се појавувале за време на штрајкот. 

Има показатели дека организирањето на штрајкот било подривано во текот на целиот процес. Така, на пример, непосредно пред почетокот на штрајкот се случувало претседателите на синдикалните организации да отидат на боледување или да се повлечат од функцијата. Потоа имало наставници кои биле синдикални членови, но одлучиле да го бојкотираат штрајкот.

Еден од друго средно школо даде отказ, имаше неколку што земаа боледување или не свикуваа состанок...Ние сфативме дека тоа е систем, намерно го прават за да не се состанат луѓево, да имаат состанок. На самиот состанок на СОНК за штрајкот имало што гласале против штрајкот, тие регионалните. 

Сето тоа внесувало дополнителни забуни и несигурности кај наставниците кои биле препуштени сами на себе да одлучуваат дали да штрајкуваат или не, соочени со конфузни и контрадикторни информации, стравови за сопственото преживување поради постојаната закана дека можат да го изгубат работното место и поради други, секојдневни притисоци. Како резултат на тоа, некои од наставниците се откажувале од штрајкот додека сѐ уште траел. Во едно од училиштата тоа било искористено уште како една форма на притисок бидејќи било побарано од наставниците секој поединечно да се потпишува на список дали штрајкува или не.

[...] имаше еден случај, почнува да штрајкува, а утредента се откажува. А имаше еден не штрајкува па после преку ноќ, па тоа со плачки, како да кажувам имаше многу драматична атмосфера. Имаше ликови кои што се преправаа дека штрајкуваат, па одеа кај директорот молеа да не ги запишува дека штрајкуват. Па после дојдовме до таму да со списокот од Синдикат, сосе директорот еден по еден да потврди со име и презиме дека штрајкува.  
​
Ваквите постапки укажуваат на директно непочитување на колективното синдикално организирање кое токму заради практикување на правото на здружување кое не се почитувало за време на штрајкот, a e гарантирано преку законот и се однесува на заштита на членовите на синдикатот од дискриминација на работното место. 

​Тек и траење на штрајкот

Штрајкот започна со општа конфузија во јавноста околу тоа дали и кои училишта штрајкуваат. Информациите од Синдикатот укажуваа на официјално отпочнување на штрајкот додека во медиумите имаше информации дека само поединечни наставници штрајкуваат или се штрајкува во мал број на училишта или пак сосема отсуствуваше информација за штрајкот. Ваквата ситуација била рефлектирана и во училиштата. Немањето целосна информација во медиумите која и за родителите и за јавноста предизвика бројни забуни за постоење/непостоење на штрајкот, дополнително влијело за постоење на несигурност, страв и збунетост кај поединечните синдикални организации и синдикални претставници. 

Беше језиво затоа што првите неколку дена штрајкот беше негиран, медиумски не постоеше, јавно, нигде не беше објавено, освен некоја изјава од 25 секунди на некоја телевизија и тоа за нас беше страшно. Затоа што ние немавме информација колку луѓе и каде штрајкуват. Немавме уопште претстава за масовноста. Ќе дојдеше регионалниот ќе раскаже, ама тоа се пак некои информации, ги слушаш, не ти се верува, тоа психички страшно нѐ уништуваше, ние не го знаеме колку е тој искрен. Ние бевме буквално во изолација. Едино беше добро што бевме повеќе луѓе и се држевме меѓу себе. Имаше пример во други школи одат држат часови, а тука штрајкуваа и не можат да издржат. Ако се втора смена таму, ќе дојдат прва смена кај нас да нѐ видат во школо да примат енергија од атмосфера и да одат да држат часови.

Во овој извадок може да се забележи колку нејаснотијата околу текот на штрајкот влијаела негативно врз психичката состојба на наставниците. Исто така официјалното неприфаќање на штрајкот во училиштата за некои наставници значело дека можат да штрајкуваат во едно, но да држат настава во друго училиште. Ваквите состојби придонесувале наставниците да бидат поизложени на притисоците кои секојдневно се случувале во училиштата. 

Во училиштето каде мал дел од наставниците биле членови на синдикалната организација, почетокот на штрајкот предизвикал голема збунетост во однос на тоа кој штрајкува и кој не, тензија и, следствено, нарушување на односите во колективот.
​
Истото беше и кај нас, некои чуле дека штрајкуваат или дека не штрајкуват и кај нас беше преполовено. На некои им наложиле од дома дека мораат да дојдат ... Страшни ситуации... Се игра со психа нивна, со сѐ... Имаше ситуации колегиве од прва смена што беа, имало немало деца тие мора да запишуват час дека реализирале. Едно дете да е, ти мора да го викнеш внатре да му одржиш час. А децата поголеми што беа па тие ја искористија таа ситуација и не  доаѓаа и ние си седевме во празни училници. Нас ни направија да штрајкуваме, ние седевме во празни училници. Од сабајле до вечер, од Државен просветен инспекторат и истите тортури. Те пратат, гледат, сликаат (или ѕиркаат) дневници, кој реализирал кој не реализирал.

Различните форми на притисоци со кои се соочувале наставниците

Притисоците кои се случувале во училиштата биле спроведувани секојдневно на различни нивоа. Една од главните институционални форми на притисок било постојаното присуство на претставници на Државниот просветен инспекторат во училиштата. 

Формите на притисок беа различни. Прво главна форма беше Државен просветен инспекторат, кои што доаѓаа и седеа во школото од сабајле до вечер. И контролираа дневници, па дали професорите, пошто учениците не доаѓаа, дали седат секој во празна училница за време на штрајкот. А овие што не штрајкуваа нив деца не им доаѓаа ама они мораа да ги запишат во дневник. Хаос, чудо невидено.  Ние мораше како служба, јас морав понеделник, први час, по класови списоци да правиме рачно. 

Притисоците насочени кај најранливите членови на Синдикатот биле едни од средствата на  грубо прекршување на правото на штрајк.

А да не зборам за неформалните форми на притисок кои што на самохраните мајки им викаше, вие сега нема да земете дневница и вие нема да земете плата. Значи тоа циљано беа бирани на кои луѓе што да им се кажува.

Заменските наставници кои беа ангажирани за време на штрајкот биле доживувани како дополнителна закана за наставниците кои штрајкувале.

И овие (заменските) седат у канцеларија ги отварат дневниците, зимаат дневници, одат во празна училница. Овие што не штрајкуваа уште на првиот одмор почнаа кафе да пијат и да  пушат со заменските. Па имаше многу вознемирени колеги пошто колку кој разбира ги фаќаше паника дека сега овие ќе им ги земат часовите.Некои од наставниците трпат последици и по завршувањето на штрајкот. Имаше од колегиве од младиве, кои што штрајкува, кои што уште ги трпат последиците. Сега не им дава часови редовни, ги пушта на изборни да држат што е понеизвесно. Со проектни активности. 

Сите овие притисоци сериозно се одразиле на целосната атмосфера во училиштата, односите во колективот и здравјето на вработените.

Имаше колеги што зимаа боледување што не можеа да го издржат притисокот...Болни паднаа луѓе, не беше уопште зезанција. Трајно се нарушија односите со колективот. До таму што кој со кого зборува, не зборува. Едно време, манипулацијата беше таква што се сврте ситуацијата. Овие што не штрајкува они пошто кај нас беа помалце, беа под притисок, условно кажано, пошто они мораа да држат часови, имаше гледање попреку. И они не можеа да го издржат притисокот. 

Последици трпеле и учениците кои биле приморувани од родителите да одат на училиште додека нивните другари не оделе. 

„Ние имавме случај детево нервен слом доби.“
​
Дополнителен притисок за наставниците претставувало и јавното обележување, етикетирање на наставниците кои штрајкуваат со опозициската партија или како „платеници на Сорос“ заради кое наставниците не сакале да го поддржат штрајкот за да не нанесат штета на колегите. 

[...] таков тип на притисоци се случуваа, колеги што се партиски одредени, значи се знае кај се и што се, информација доаѓа до Сител телевизија или не знам каде дека наводно пратеници на СДС го поддржуваат штрајкот, и одма, еве ги соросоиди и сл. и колегите се повлекоа, и рекоа, ние не доаѓаме на овие случувања за да не ви направиме штета, што логички е така.

Согледување на резултатите од штрајкот и перспективата на синдикалното организирање на наставниците

Постигнувањето на договорот на СОНК со Министерството за образование и наука беше проследено со низа контроверзи во јавноста. Дел од јавноста беше разочарана од делумното прифаќање на барањата на Синдикатот, како и од нетранспарентниот начин  на постигнување договорот „преку ноќ.“  

Максимално сме разочарани од тоа што се случи затоа што прво: една од главните изјави од претседателот на СОНК беше дека нема да прифати било какви договори без консултација со членството. Испадна дека преку ноќ прифатил тоа што прифатил без никаква консултација со нас. Односно прифати малтене сѐ. Освен ова што е стопирање на казните ама тоа не беше некаква значајна точка. Тоа е залажување, не е решавање на проблем. И ние сме на граница, сега избравме нов претседател на синдикалната организација и сега договоривме за одредена временска рамка, за колку време ќе се обидеме да нешто таму напраиме да влијаеме ако не спремни сме да излеземе колективно да го нашуштиме Синдикатот.

Ваквите разочарувања од синдикалната организација не се нови и придонесуваат кон трендот за напуштање на синдикалната организација, недоверби и/или воопшто неприклучување на Синдикатот од страна на помладите наставници и вработените во образовните институции. Имено еден од соговорниците во овој разговор зборуваше за сопственото негативно искуство со Синдикатот и причините за напуштање на организацијата. 
​
Во 2004 година кога Синдикатот не сакаше да застане позади своите членови поточно 12-13 бевме од работа што побаравме помош од правникот на Синдикатот да застане позади нас да ни помогне, да нѐ упати каде да си ги бараме своите права за да добиеме решенија за работа. Но правникот рече дека тој не може ништо да ни помогне и да си бараме решение на некое друго место. И во знак на револт ние 12 кои бевме засегнати од тој проблем му ги оставивме книшките и си заминавме од Синдикат. Оттогаш наваму масовно имаме откажувања од членството на Синдикатот. Зошто? Затоа што секогаш една политика што се случува или штрајк што треба да го изрази нашето незадоволство излегува дека уствари...не знам, како претседателот на Синдикат да е повеќе политички играч. Тоа го зборуваме и низа примери покажале такво нешто, дека Претседателот не застанува зад своето членство туку напротив ги омекнува преговорите.  Ќе се случи нешто големо преку ноќ и наеднаш ќе се стиши таа еуфорија за која сме верувале дека еве ќе се оствари ..нашите барања, ќе се случи чудо. Никогаш откако излегов и еве досега ниту еден Претседател не застанал да ја одбрани во вистинска смисла својата фела.
​

Сепак, наставниците би сакале да се појави нова, поавтентична синдикална организација која навистина би ги застапувала нивните интереси и права, на која тие би ѝ се приклучиле. Тие се надеваат дека ваква организација ќе се формира наскоро, бидејќи ја разбираат предноста на заедничкото дејствување и да бидат дел од заедница која функционира на приципите на солидарност и се грижи да ги заштити своите членови. 

Референци

(1) Закон за работни односи (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05).
(2) Измена и дополнување на Законот за работни односи, (Службен весник на Р.Македонија бр.80/93), член 12.
(3) Закон за работни односи (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05), член 264.
(4) Закон за работни односи, пречистен текст (Службен весник на Р.Македонија бр.34/14).
(5) Устав на Република Македонија, достапно на: http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx 
(6) Дебата „Штрајкот и синдикалното здружување во подобрување на слободата на изразување“, Институт за општествени и хуманистички науки - Скопје, одржана на 9 декември 2015. 
(7) Закон за работни односи, (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05), XVIII Поглавје, член 184-202.
(8) Закон за работни односи, (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05), член 191, став 2.
(9) Zdravko Saveski, “The Problems with the Registration Process of Unions in Republic of Macedonia,” Мултиетничкиот Синдикат За Образование На Република Македонија, достапно на: https://mesorm.wordpress.com/2015/04/11/problems-with-the-registration-process-of-unions/, пристапено на 15 септември 2015 .
(10) Закон за работни односи, (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05), член 236, став 1.
(11) Закон за работни односи, (Службен весник на Р.Македонија бр.62/05), член 236, став 3
(12) „Судот го забрани лекарскиот штрајк“(Скопје: 24 Vesti, 20 септември 2012), достапно на: http://24vesti.mk/sudot-go-zabrani-lekarskiot-shtrajk , пристапено на 25 февруари 2015.
(13) „Штрајкот на лекарите во мирување, постигнат договор меѓу лекарите и Тодоров“, (Скопје: Puls24, 26 декември2012), достапно на: http://puls24.mk/makedonija/vesti/10877-strajkot-na-lekarite-vo-miruvanje-postignat-dogovor-megju-lekarite-i-todorov, пристапено на 27 февруари 2015. 
(14) „Очниот лекар Дејан Ставриќ осуден на една година затвор“ (Скопје: Утрински весник, 26 мај 2014), достапно на: http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=9B539F6A6BC6BF49B6D5609F834A2131 , пристапено на 25 февруари 2015. 
(15) Дебата „Штрајкот и синдикалното здружување во подобрување на слободата на изразување“, Институт за општествени и хуманистички науки - Скопје, одржана на 9 декември 2015. 
(16) Закон за измена и дополнување на законот за основно образование (Службен весник на Р.Македонија бр.135/14), член 3; Закон за измена и дополнување на законот за средно образование (Службен весник на Р.Македонија бр.135/14), член 1.
(17) „Одлука за организирање на генерален штрајк“ (Синдикат за образование. наука и култура СОНК, 8.08.2015), достапно на thttp://www.sonk.org.mk/news/odluka_gen_strajk.html,  пристаепно на 4 Март 2015.
(18) „Вклучи телевизор - нема штрајк, однеси дете во градинка - има штрајк“ [“Put a TV on- There is No Strike, Take the Child in Kindergarten- There is a Strike”] (Skopje: Plusinfo, 22 January 2015), available at: http://www.plusinfo.mk/vest/12132/vkluci-televizor--nema-shtrajk-odnesi-dete-vo-gradinka--ima-shtrajk, accessed on 4 March 2015.
 „Притисоци  против штрајкот место решавање на проблемите во образованието“ (Радио Слободна Европа, 27.09.2015) достапно на http://www.makdenes.org/content/article/26607795.html, пристапено на  4 Март 2015
(19) „Мапа наштрајкот во училиштата низ Македонија“ (24 Вести 28.01.2015) достапно на http://24vesti.mk/mapa-na-shtrajkot-vo-uchilishtata-niz-makedonija, пристапено на 4 Март 2015 
(20) „СОНК: Постигнавме договор околу барањата, штрајкот се прекинува“ (Фокуд, 3.02.2015) достапно на http://fokus.mk/sonk-postignavme-dogovor-okolu-baran-ata-shtrajkot-se-prekinuva/?utm_source=rss&utm_medium=rss&utm_campaign=sonk-postignavme-dogovor-okolu-baran-ata-shtrajkot-se-prekinuva, пристапено на 4 Март 2015 
(21) Дебата „Штрајкот и синдикалното здружување во подобрување на слободата на изразување“, Институт за општествени и хуманистички науки - Скопје, одржана на 9 декември 2015. 
(22) Транскрипт од спроведено интервју со наставници од две средни училишта во Град Скопје направено за потребите на студијата во септември 2015 година.
Picture
Picture

Institute of social sciences and humanities - Skopje

  • Почетна
  • Медиуми
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Видео стории
    • Твојата лична приказна
  • Образование
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Слобода на здружување и собир
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Видео стории
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Претприемништво
    • Студии
    • Фактоиди
    • Графикони
    • Стории
    • Твојата лична приказна
  • Press Room
    • The first and indispensable step toward dismantling the Leviathan of the state-capture
    • Public statement: Financial controls as means of political pressure
    • Став околу финансиските контроли на НВО
    • Покана за прес конференција
    • Видео
    • Аудио
    • Новинарски текстови
  • Контакт